[Фото] За прв пат велосипедска патека на коловоз – тест за сообраќајната култура и институциите

Градот Скопје во рамки на проектот за нова велосипедска инфраструктура „Скопје Велоград 2017“, денеска презентираа велосипедска патека по должината на булеварот „Свети Климент Охридски“. Оваа патека изминатиов период влезе фокусот на јавноста и велосипедистите бидејќи, за прв во Скопје и Република Македонија, таа е дел од самиот коловоз, поточно се одзема дел од просторот за автомобилите и е наменет за велосипеди.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски рече дека ова се реализира на дел на потегот од „Свети Климент Охридски“ од крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосницата со булеварот ‘Илинден’ кај објектот на Владата на Република Македонија.

„На овој простор последната коловозна лента ќе биде наменета за велосипедистите, каде што истата е обележана со посебна лента, на лентата за подобра видливост се поставени катадиоптри. За жал, како што и самите можете да забележите, несовесни возачи константно ја узурпираат велосипедската лента и тротоарите, оставајќи и паркирајќи ги нивните возила. Апелираме до возачите да не паркираат на велосипедските патеки, како и да не застануваат на потегот каде што велосипедските патеки ќе бидат на самиот коловоз. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да биде поактивно на терен и да работи на ослободување на велосипедските патеки и да овозможи нивно непречено функционирање“, рече градоначалникот Трајановски.

Поради оваа зачестена појава, нагласи тој, се одлучиле за дополнително физичко оградување на велосипедската сообраќајна лента од лентите за моторните возила, со специјални заштитни гумени столбчиња. На овој начин сметаат дека ќе се зголеми безбедноста за велосипедистите.

Новата вело-патека по „Свети Климент Охридски“ периодов беше доста актуелна. Иницијативата „НаТочак“ алармираше дека често е узурпирана од автомобили, мотори, такси-возила, па и од службени полициски возила. Затоа направија и еден вело-експеримент –  се распослаа врз коловоз за да покажат како им е велосипедистите кога секој ден несовесни возачи им се паркираат врз патеките.

На булеварот „Св. Климент Охридски“ при последната „Критична маса“ се одржа голем протестен пикник. Бројни велосипедисти повторно ја доловија обратната ситуација: кога точаци би ги зафатиле лентите на автомобилите. Со тоа порачаа конечно да се ослободат узурпирани патеките од автомобили на возачи кои „се враќаат за пет минути“.

„Многу често кога зборуваме за проблеми во сообраќајот знаеме да ја обвиниме културата… Се обвинуваме пешаци со велосипедисти со возачи и сè така во круг со години и таквото обвинување не донело некое поместување, барем не значајно. Ќе се согласите, нели? Истите сограѓани кои ги обвинуваме за некултура кога ќе се најдат на други простори се однесуваат поинаку зашто знаат колку може да си ги спружат нозете (т.е. паркираат колите).

Пикник на последната „Критична маса“

Поместување може да донесе само барањето од институциите да си ја вршат работата: Градот и општините да обезбедат безбедна, логична, јасно назначена инфраструктура за сите начини на превоз која нема да ги доведува во конфликт едни со други. Сообраќајната полиција да ги спроведува правилата, наместо самата да ги крши!  Пешачките и велосипедските патеки со причина се заштитени од паркирање во законот… Дел од конфликтите во сообраќајот се поради лошиот дизајн, а дел поради неспроведувањето од полицијата. Да ја насочиме енергијата онаму каде што ќе даде резултат место на вечно обвинување на некултурата! Тоа станува само-исполнувачко пророштво.  Да излеземе од магичниот круг и да си ги побараме правата!“, рекоа од „НаТочак“.

Исто така, на неколку пати потенцираат дека „и точакот е дел од сообраќајот“.

„Како што не смеат да се паркираат точаци на коловозни ленти, така не смеат ни возила на велосипедски ленти. Комплетно исто е! Нема разлика. Велосипедските ленти, се исто така дел од улицата, но наменети за точаци, не за паркирање!  А полна линија има јасно значење во сообраќајните правила – не смее да се премине. Возилата на сликата лево ја преминале за да паркираат“, потенцираат од „НаТочак“.


Б.Ш.