[Фото] Втор ден блокади на пристапот до Иловица

Локални жители и активисти денеска од 5 часот повторно се собрани заедно да го блокираат пристапот до рудникот Иловица, каде изминатава недела се вршеа археолошки истражувања.

Активистите уште вчера за Радио МОФ рекоа дека веќе се испробани сите механизми за да ги убедат наджните да се одземе концесијата за Иловица-Штука на компанијата „Еуромакс“, па затоа продолжуваат со порадикални мерки.

„Пријатели, сограѓани, жители од Струмичката околина, вториот ден од блокадите повторно успешен, мирните блокади повторно го спречија ‘Еуромакс’ своеволно да ни ја окупира природата. Уште еднаш срцето и совеста се покажаа повредни од парите – желбата за здравје, сигурен и мирен живот втемелена кај нашите сограѓани излезе во прв план. Јасно им ставивме до знаење дека парите можат да си ги земат со себе и слободно да уживаат со нив некаде далеку од нас, а ние ќе останеме овде и ќе се сладиме на убавината дадена од природата, ќе уживаме во чистиот воздух, ладните сенки на прекрасната Огражден и милозвучниот шум на благородните речни извори“, соопштија денес активистите од Младите на Иловица-Штука против рудникот.

Активистите блокадата ја карактеризираат како симбол на единството, а најавија продолжување на нивната борба.

„Пријатели, жители на цела Струмичка котлина, пред сѐ жители на најпогодените села, МЛАДИ, сега е времето да ставиме крај на долгогодишната борба за нашата иднина, за нашиот воздух, вода, здравје, сега е време за конечниот удар против рудниците, време за притисок врз надлежните за донесување вистинско решение за нашиот проблем и нивно застанување на страната на НИВНИОТ народ. Сега е моментот да ги превенираме последиците кои ни доаѓаат со отворен рудник. ЗА НАС СЕ РАБОТИ, за нашето здравје и иднина, за нашите поколенија. Затоа утре и во наредните денови ве повикуваме, да ги оставиме секојдневните обврски барем на кратко, да излеземе сите млади и возрасни, да се фокусираме на иднината, да ја обезбедиме здравата иднина и што помасовно и побројно да се спротиставиме на оние кои мислеа дека туку така можат да не изманипулираат и тивко троваат секојдневно полека, полека. Млади сега е времето да бидеме решителни, време е да почнеме да се бориме за нашата иднина и општеството во кое сакаме да живееме. Време е за решителност и борба за НАШЕТО ! Нека ова биде почетокот на нашето време, нека овие блокади бидат мотив и почеток на подобро утре!“, се вели во соопштението на активистите.

Активностите продолжуваат утре во 5 часот, а збирно место е браната Иловица.