[Фото] Во летниот двор на Кинотека: „Филмот е неопходен зачин за животот да биде поубав“

Под отворено небо, со маски на лице и оддалеченост меѓу себе – синоќа во дворот на Кинотека, граѓани имаа прилика да го проследат филмот „Дете“ – претпоследен од серијалот филмови на Чарли Чаплин.

Иако првичниот план беше тој да се прикажува во саботата, временските услови ја поместија неговата проекција.

Владимир Ангелов, Кинотека

Според Владимир Ангелов, идејата да започнат со летното кино ја имале уште лани кога направиле контролна проекција која послужила за да ги согледаат грешките. Но, ситуацијата со Ковид-19, вели тој, им ги одложи плановите, па наместо во мај, киното на отворено започна во јули, а ќе тераат додека временските услови дозволуваат.

„Нудиме програма за сите, плус не работиме како репертоарно кино кое врти два три филма цел месец, туку програмата ја менуваме секој ден. Мислам дека е интересно, динамично, добро за публиката да запознае различни кинематографии, различни автори, глумци и филмски пристапи и филмски жанрови и ери“, вели Ангелов.

Кинотека на својата програма има микс од различни жанрови, односно филмови кои не припаѓаат на холивудскиот мејнстрим. Периодов што следува ќе се прикажуваат и понови филмови како „Студена војна“ и Паразит“. Ангелов најави и соработки со фестивалите „Македокс“ и „Скопски филмски фестивал“.

„Без култура не можеш. Како што вели Кит Ричардс: Може и без музика светот да постои, но тој (филмот) е неопходен зачин за животот да биде поубав. Тоа може да се пренесе и на културата, односно на уметноста. Без уметност, животот нема смисла“, посочи Ангелов.

Емилија Петреска