[Фото + видео] Во Тафталиџе дојде багер – на местото на детскиот парк се прави детски парк

Багер и работници од утрово се распоредени на улица „Букурешка“ во скопската населба Тафталиџе 1, каде вршат зафати за нов парк со реквизити врз постоечкиот парк.

Тоа е паркот со лулашките кој локалните жители на неколку пати успееја да го одбранат од градежна механизација и од обидите тука да „никне“ зграда.

Општина Карпош на неколку наврати тврдеше дека маркица за зграда на таа локација е утврдена уште во 2003 година, дека површина за градба не може да се поништи, а за објектот е издадено одобрение согласно законските прописи. Сега за Радио МОФ потврдуваат се врши целосна обнова на детското игралиште. Си останува зеленило, а реквизитите, велат тие, целосно нови – еколошки.

„Се работи за детско игралиште на околу 300 квадратни метри со нишалки, лизгалки и останати потребни за детско игралиште, или подецидно 15 метри широчина и 20 метри должина“, велат од општина Карпош, нагласувајќи дека ова е поставување урбана опрема, а не градба.

Локалните жители велат дека уште пред 25 денови од Карпош им најавиле „реконструкција на детско игралиште“, при што биле исечени старите лулашки. Според иницијативата „Зелено Тафталиџе“, сега започнало „градење“ во детскиот парк, но тврдат дека тоа се прави без дозвола за работа, без огласна табла и без транспаретност на проектот.

Соопштението од Општина Карпош кое локалните жители го добиле пред 25 денови

Соопштението од Општина Карпош кое локалните жители го добиле пред 25 денови

„Кога Зелено Тафталиџе ги конфронтираше надлежните од Месната заедница Тафталиџе 1 и општинските градежни инспектори, истите изјавија дека проектот е достапен на веб страната на општината (не е, бидејќи не постои) и не уверуваат дека истото ќе прерасне во детско игралиште врз кое главниот претставник од општината, во 2017 година мереше должина во чекори и постави камен на краевите за да означи каде е градилиштето. Во моментов багерот безгрижно си работи, иако му беше посочено дека во косо и на криво ги изведува работите“, соопштуваат од иницијативата.

Од таму нагласуваат дека се најмалку против изградбата на детско игралиште, меѓутоа постојат сомнежи бидејќи оваа е таа иста површина каде беа планирани два станбени објекта и градоначалникот изјавил дека „Господ нема да го измени ДУП-от“, а сепак, велат тие, таму започна изградба на детски парк.

„Фактот кој не загрижува е тој што ние како граѓани на оваа општина немаме транспарентност, увид, ниту пак можност да дознаеме повеќе за проектите кои општината ги замислила. Бел избледен лист на табла пред месната заедница каде пишува дека ќе има детско игралиште, не значи дека се е во ред и може кој што сака да прави, господине!“, стои во соопштението на „Зелено Тафталиџе“, од каде презентираат денешни фотографии и видеа.

Б.Ш.