[Фото + Видео] Проштален протест на „Утрински“ и „Вест“

Заедно со сегашни и поранешни новинари, дописници, соработници и претставници на невладини и синдикално-новинарски здруженија, денеска точно напладне новинарите од „Утрински весник“ со шишиња во раце симболично одржаа собир пред влезот на „Медиа  Принт Македонија“ (МПМ).

Ова претставуваше своевиден проштален протест на весникот кој стана претпознатлив по аналитичниот пристап и изреката „Денот по Утрински се познава“. Тој од викендов згаснува по 18-годишно печатење и продажба по киосците.

На собирот се приклучија и новинари од „Вест“. И тие денес по скоро 17 години за последен пат седнуваат во бироата за да напишат текстови. Објаснија дека фирмата МПМ, која ќе оди под стечај, а новите вработени ќе се префрлат во новата фирма, има вкупно 230 новинари, новинарски работници и технички служби.

 

„Од сите нив, според огласот, остануваат 113 вработени. Бројот на вработени во МПМ се намалува за 50 отсто“, објаснија новинарите.

Љубиша Станковиќ од „Утрински весник“, во име на весникот потврди дека се собрани бидејќи денес го вадат последниот број.

„Од понеделник Утрински’ повеќе не постои. Затоа што лошите менаџирања на доктор Срѓан Керим доведоа до ова. Овој весник памети десетици луѓе кои тој го носеше како врвни менаџери, кој ни ги претставуваше како врни експерти… Се испостави дека од тоа нема ништо. Меѓутоа, има една интересна ситуација. Со падот на овој режим не паѓа „Утрински“, туку паѓа МПМ и Срѓан Керим. Ова што имаме шишиња – добро знаете на што асоцира“, рече Станковиќ.

Екипа на „Утрински“

Екипа на „Утрински“

Ана Антевска од „Вест“, пак, потенцираше дека најтиражното гласило престанува да излегува во печатено издание, а останува само порталот на „Вест“ со 5 вработени. Сите останати новинари и работници од „Вест“ заминуваат, одат под стечај.

„Причината за тоа што ‘Вест’ пропаѓа, официјалните одговори на менаџметот се дека во последната година и два месеци не биле покажани солидни резултати. Ние новинарите сметаме дека причината не е до нас, туку работата на менаџментот, како и на новиот уредувачки колегиум кој што беше донесен во весникот“, рече Антевска, алудирајќи на уредниците кои беа поставени по Горан Михајловски, кој е познат како редовен критичар на власта.

Екипа на „Вест“

Екипа на „Вест“

Бојан Шашевски