[Фото] Васало од Делегацијата на ЕУ пренесуваше еврооптимизам и дискутираше со средношколци од Сарај

Евро-караванот на средби со средношколци годинава започна од скопската општина Сарај. Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало седна на столче во училница во средното училиште „Сарај“. Учениците прашуваа и споделуваа ставови, а тој ги претстави можностите, бенефитите и предизвиците на Европската унија. 

Учениците прашуваа за работата и студирањето во ЕУ. За промена на името и процесот што следи за Македонија, потоа за институциите на Унијата, за самото функционирање и значење на ЕУ, за која Васало рече дека е мировен проект, базиран на заедништво, соработка и помош.

Васаго, кој е пет месеци во земјава, раскажуваше за родната земја Малта. Во неговите средношколски денови Малта не беше дел од ЕУ-семејството, но, нагласи тој, интересно е како една иста генерација може да доживее различни нешта.

„Во тоа време, Малта беше на слично ново на развој како земјава. Односно, постоеше одредена разлика меѓу стандардите на Малта и ЕУ. Се шегувавме дека на модните трендови им требаат пет години да ги преминат границите и стигнат во Малта. Млади луѓе патуваа за да најдат работа, подобри плати во ЕУ. Денес, жителите на ЕУ доаѓаат во мојата земја за работа. Тешко дека во тоа време можеше да ме убедите дека ова ќе се случува“, рече пред учениците заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ.

Сепак, нагласи дека ЕУ не е магично стапче што ќе смени се’, сите проблеми. Искуствата и од друга земји покажуваат дека е потребна тешка работа, труд, активности, менување закони, инфстраструктура, за да се направат промени кон ЕУ.

„Но, тоа е проект, амбиција апсолутно вредна за оддржување! Секогаш бев импресиониран од овој проект, како се развива. Кога ќе помислиме на крајот на Втората светска војна, на незадоволстото, омразата, на свежите рани… Но, и покрај тоа, повеќе луѓе застанаа и рекоа: ‘Ова не смее повеќе да се повтори! Треба да бидеме посилни, обединети, да изградиме заеднички дом’. Тоа е ЕУ. Правење тешки компромиси, тешки одлуки, бидејќи знаете дека на долг рок ќе имате бенефити“, рече Васало.

Околу промената на името во сооднос со Унијата, Васаго рече дека тоа беше тешка одлука, со цел земјата да надмине пречката и да фати пат кон ЕУ.

„Можеби тоа не беше популарна одлука за некои од вас. Тоа беше тешка одлука, исто како што многу земји-членки мораат да направат компромиси. Но, вашата земја се движи во вистински правец, во однос на доближувањето кон ЕУ. Имавме одредени разочарувања во изминатите месеци, бидејќи не започнаа пристапни преговори во октомври. Се надеваме дека, земјата набрзо ќе го започне следниот чекор кон интеграцијата и можностите што ќе дојдат во самиот процес. А, притоа, земјата ќе се менува и добива бенефити при пристапниот процес. Ова би било во сектори како образованието, науката, во сектори кои ќе би дозволат да се ангажирате со идните колеги-граѓани“, потенцираше Васало пред средношколците од „Сарај“.

Тој нагласи дека ЕУ нуди размена на знаења, пријателство, студирање во странство, за потоа искуството и знаењето да може да се пренесе и дома.

На ученичкото прашање како земјата ќе се смени кога би влегле во ЕУ, Васало вели дека тоа најмногу зависи од тоа како ќе се подготвиме кога ќе дојде тој ден.

„ЕУ ги принудува земјите да променат одредени закони и стандарди. Пример, во Малта ја исфрлавме отпадната вода во морето, но, ЕУ не’ принуди да не го правиме тоа, бидејќи имаше штета врз животната средина, врз чистотата на морето. Набрзо, се врати морскиот живот. Земјата ќе претрпи измени, бидејќи ќе биде принудена да адаптира стандарди. Сите знаеме дека загадувањето е голем проблем во Скопје, но и целата држава. ЕУ стандардите за вашите коли, фабриките и сл., ќе имаат директно влијание врз загадувањето, а Унијата помага и со средства. Пример, досега ЕУ вложи десетици милиони евра на отпадниот третман на водата во земјава. Животната средина е една од секторите каде, веројатно, ќе видите голема промена. Но, потребна е работа“, потенцираше Васало.

Исто така, вели тој, земјата би станала економски поотворена.

„Странските компании ќе биде послесно да влезат, да создадат можности, конкуренција, а не монопол. За граѓаните ова значи подобар сервис и услуга“, нагласи пред учениците заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ.

Дискусијата со средношколците беше организирана во склоп на Проектот за младинско изразување на МОФ, финансиран од Европската Унија. Во следниот период следат серија вакви настани во повеќе градови низ Македонија.

Бојан Шашевски