[Фото] Урбана инсталација во Скопје прашува: „Колку далеку нѐ носи говорот на омраза – и дали нѐ враќа назад?“

Во урбаниот ритам на секојдневието, честопати не сме свесни како говорот на омраза го нарушува нашиот простор – не само физичкиот, туку и комуникацискиот, социјалниот и емоционалниот. Токму на ова прашање уметнички и симболично одговара новата интервенција во јавен простор која преку визуелна и концептуална форма ќе го постави прашањето: „Колку далеку нѐ носи говорот на омраза – и дали нѐ враќа назад?“, велат од „Innovative media“ за акцијата поставена во центарот на Скопје до малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, која ја подготви Центарот за современи уметности.

„Оваа акција се базира на буквално поставување пречки со пораки односно поставени објекти слични на атлетски препони – физички пречки кои го стеснуваат просторот за движење и ја нарушуваат нормалната флуидност на урбаното минување сакаме да ги натераме граѓаните да направат паралела помеѓу реалните пречки и пречките кои во животот и заедницата ги поставува говорот на омраза. На овој начин преку едноставна интерпретација на темата на пречките сакаме да ги натераме граѓаните да се запрашаат за пречките и проблемите кои ги предизвикува говорот на омраза“, се вели во соопштението.

Фото: „Innovative media“

На секоја препона се испишани пораки од типот: „Говорот на омраза ја попречува нормалната комуникација“, „Говорот на омраза ја блокира вистината“, „Сензационализмот може да води кон погрешни заклучоци“, „Ви пречат ли етикетирањата?“, „Говорот на омраза води во ќор-сокак“ – односно пораки кои нè повикуваат на размислување, но и на директна реакција на говорот на омраза.

Фото: „Innovative media“

„Оваа акција својата комуникациска цел ја темели на поширокиот концепт на креативен активизам, каде уметноста не е само израз, туку и алатка за општествена трансформација. Наместо апстрактни апели, уметничката интервенција во оваа акција создава физичко искуство кое симболично ги отсликува пречките што говорот на омраза ги поставува во нашето секојдневие. Таа претвора обичен јавен простор во комуникациско поле на соочување, каде минувачите стануваат учесници, а не само набљудувачи. Преку вакви урбани гестови, сакаме да покажеме дека општествените проблеми можат да се третираат и артикулираат преку моќта на визуелниот јазик, дијалогот и уметничката интерпретација. Борењето против омразата не мора да започне во институциите – може да почне токму таму каде што се движиме секој ден и консеквентно да ги натера институциите на реакција кои ќе придонесат за намалување на говорот на омраза во јавната сфера“, пишува таму.

Фото: „Innovative media“

Акцијата е подготвена во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.