[Фото] Училиштето „Браќа Миладиновци“ во Кисела Вода доби пластеник за градинарски и цвеќарски култури

Учениците од земјоделската струка во СУГС „Браќа Миладиновци“ во општина Кисела Вода добија современ пластеник.

Од општината соопштуваат дека во пластеникот се поставени системи кои на растенијата ќе им ги обезбедат потребните услови.

Пластеникот е покриен со плексиглас, во него топлината ќе се одржува со парно греење, инсталирани се вентилатори кои ќе ја регулираат температурата и релативната влажност на воздухот.

„Во истиот инсталиран е современ систем за наводнување ‘капка по капка’. За целосно искористување на просторот дополнително направени се држачи за цвеќиња“, велат од Кисела Вода.

Општинарите дополнуваат дека учениците во пластеникот практично ќе ги применуваат стекнатите знаења, ќе вршат производство на сезонски цвеќиња и повеќегодишни декоративни растенија.

Пластеникот е во рамки на проектот за „Промоција на органското производство во средните стручни училишта“, а е донација од Чешката Република.