Државниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ е во процес на темелна реконструкција и се очекува на почетокот на следната календарска година објектот да биде целосно обновен, модерен и енергетски ефикасен, соопштија од Министерството за образование и наука, откако денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерската Весна Јаневска извршија увид во градежните работи.
„Оваа активност е дел од проектот за енергетски ефикасна обнова на 9 државни студентски домови во Македонија, за кој голема поддршка добиваме од Европската унија и Германската развојна банка. Ова е прва фаза во која покрај студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски – Питу’, опфатен е и студентскиот дом ‘Стив Наумов’“, рече Јаневска, додавајќи дека досега е обезбеден буџет од 30 милиони евра за реализација на проектот.
Следна фаза е обновата на четири студентски домови – „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, кои треба да ја намалат потрошувачката на енергија од 30 до 50%, а со тоа и емисијата на јаглерод диоксид. Додека во третата фаза ќе се реновираат студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола.
„Споредено со тоа како било порано, станува збор за огромна разлика во условите и навистина студентите ќе уживаат во совладувањето на материјата на факултетите. Посакувам проектот што поскоро да се заокружи и студентите да почнат да се вселуваат“, рече Мицкоски.
Инаку, реновирањето на студентскиот дом веќе неколку години се одовлекува и студентите на неколку пати слушаа како ќе биде „од следниов октомври“ или „следната календарска година“, за што веќе имаше реакции и од повеќе граѓански и студентски организации.
Откако МОН го објави годинешниот конкурс за прием во студентските домови, платформата Студентарија реагираше дека и оваа академска година студентите остануваат без два клучни дома за сместување. Иако се најавуваше враќање во „реновирани домови“, реалноста е уште една година со ограничени капацитети, несоодветни услови и неисполнети ветувања за студентите, рекоа оттаму.
Реновирањето на „Кузман“ започна во април 2024 година, а министерката Весна Јаневска постојано истакнуваше дека реконструкцијата ќе се врши најдоцна за 18 месеци, што би значело дека „Кузман“ требаше да биде готов до октомври оваа година.
Фото: МОН