Уште во осум часот наутро редица студенти чекаа пред управата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ за да ги подигнат потребните документи за вселување.
Летото заврши за студентите, но и за вработените. Од кујната започна да се чувствува мирис на храна, а прозорците од собите во студентскиот дом полека се отвораа еден по еден.
Дел од студентите уште денеска се вселуваа. Со полни куфери и торби полека ги искачуваа скалите кон своите соби, но останатите само ги поднесуваа документите.
Повеќето од нив веќе биле станари во домот, па беа запознаени со процедурата. Со себе имаа уплатници за платена кирија за месецот, чија цена се движеше од 3200 до 3500 денари во зависност од видот на собата, но и за општа штета од 300 денари.
Пред домот, се забележуваа и родители кои им помагаа на своите деца да се вселат или ги доставуваа документите место нив.
„Договори ќе има за сите“, извикуваше еден од вработените кон студентите, поставувајќи ред за чекање.
Еден од нив беше Емин, студен на Медицинскиот факултет. Тој за Радио МОФ вели дека локацијата била причината да се врати во овој студентски дом.
„Државна болница ми е блиску, но и центарот. Каде и да сакаш да одиш, се ти е блиску“, изјави тој.
Ретко кој сакаше да даде изјава, но прашани кој е впечатокот што го добиле од досегашниот живот овде, студентите и родителите се согласни дека условите се малку подобрени, но храната останува најголем проблем.
Вселувањето годинава доцнеше една недела. Според повикот на Министерството за образование и наука, крајните резултати требаше да бидат објавени на 31 август, а беа објавени дури вчера откако група студенти два дена по ред протестираа пред зградата на министерството. Вчера во поголем број се собраа во дворот на студентскиот со куферите и бараа да бидат вдомени.
Директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, синоќа преку својот Твитер профил информираше дека студентите биле примени во домот за да преспијат, а денес ќе ги пополнат потребните документи поради кои се направил застој во сместувањето.
Не е точна веста дека студентите кои чекаат за сместување во домовите вечерва нема да сместат и ќе останат надвор. Тие се веќе сместени и ќе преспијат, а утре ќе ги пополнат потребните документи поради кои се направи застој во сместувањето.https://t.co/F2Zg8NzqXk pic.twitter.com/3Hql2YKhSW
— Дарио Николовски (@DarioNikolovski) September 4, 2018
До објавувањето на текстот тој не беше достапен за коментар зошто се доцнело со целата процедура.
Но, имаше и такви кои не беа задоволни од резултатите. Тие имаат рок од пет дена да достават приговор.
„Кога би имала друго решение, не би седела во студентски дом“, ни изјави студентка додека чекаше пред вратите на домот.
Таа е примена во студентскиот „Стив Наумов“ во Автокоманда, но сака да се премести во „Гоце Делчев“ во Тафталиџе, бидејќи како што вели, таму каде што досега престојувала немало основни услови за живот.
„Лани ни падна дел од плафонот во собата каде што бевме“, ни раскажа таа.
Николовски, кој на почетокот од оваа година ја зазеде улогата на директор на студентските домови во Скопје, претходно во неколку наврати изјави дека е свесен за состојбата во којашто се наоѓаат живеалиштата на студентите и вети дека ќе „направи сѐ што е во негова надлежност“ за да ги подобри условите за нив.
Е.П.