[Фото] Студентите го блокираат Ректоратот на УКИМ

Дваесетина студенти рано утринава го блокираа влезот во Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во знак на протест против вчера изнесениот став на ректорската управа околу сечењето на дрвјата во дворот на универзитетот и најавената изградба на две нови барокни факултетски згради.

Студентите не дозволуваат никој да влезе во зградата на Ректоратот, а од другата страна стојат вработените, кои се надеваат дека ќе можат да влезат на своите работни места. Присутна е и полицијата, која засега не интервенира, а атмосферата е мирна.

Според членовите на Студентскиот пленум и на младинската организација Мугра, кои ја спроведуваат блокадата, со одлуката да се градат барокните згради и да се сечат дрвјата, загрозена е автономијата на универзитетот. Наспроти ова, Ректорската управа на УКИМ вчера изрази став дека со ова автономијата не е загрозена.

Студентите велат дека ќе го блокираат влезот во Ректоратот се додека не бидат исполнети нивните барања: ректорот Велимир Стојковски да стори се што е во негова моќ да ја спречи најавената изградба на факултетските згради, тој да понесе одговорност за ваквото нарушување на универзитетската автономија и да поднесе оставка, деканите на сите факултети итно да го соопштат својот став околу последните случувања, а Сенатот на универзитетот да одржи итна седница.