Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) по 31-ви пат ја организираше својата традиционална 15-дневна истражувачка акција, овојпат на планината Галичица.
Галичица, планина сместена помеѓу двете најголеми езера во нашата држава – Охридското и Преспанското, и дом на истоимениот национален парк, изобилува со ретки и ендемични видови. Ова им овозможи на студентите ретка можност за теренска и истражувачка работа.
Во текот на акцијата, фокусот беше насочен кон високопланинските пасишта и тундри на врвови како Магаро (2.255 м), Лако Сигној и други но, истражени беа и пештери, шумски екосистеми, па сè до подножјето на планината и брегот на Охридското Езеро.
„Студентите добија менторска помош и поддршка од македонски експерти, претежно од Македонското еколошко друштво (МЕД) и Природно-математичкиот факултет, како и од ментори од странство, што им даде насока и ја зголеми научната вредност на резултатите“, информираа од МЕД.
После повеќе години, на оваа акција повторно учествуваа и членови од соседните земји – Србија, Бугарија и Грција, и оттука, МЕД се надеваат дека оваа соработка ќе продолжи да се развива и расте.
Во моментов, студентите ги подготвуваат финалните извештаи со анализи од собраните податоци во рамки на нивните секции, кои ќе најдат примена во идни истражувања.
Акцијата и теренските истражувања на ИДСБ традиционално се организираат од студентите на Институтот за биологија при ПМФ, а нивната реализација не би била возможна без финансиската, логистичката и менторската поддршка од Македонското еколошко друштво, Институтот за биологија, донаторите и посветениот тим на Националниот парк Галичица.
Фото: МЕД / ИДСБ