[Фото] Стоп за „рудниците на смртта“ порачаа граѓаните пред Владата

50-тина граѓани протестираа пред Владата, во гест на солидаризација со протесниот марш кој истовремено се одржува во Валандово и побараа од власта стопирање на изградба и активности на најавените рудници во југоистичниот дел на Македонија.

Тие порачаа дека нивниот протест е за обезбедување здрава и сигурна иднина за идните поколенија.

„Апелираме до властите да не ги буткаат работите под тепих и на сила и дека парите не се единственото нешто за кое ние треба да се бориме, туку да се бориме и за животот на сите нас“, изјави Зоран Велковски.

„Големиот протест се одржува во Валандово, ние сме тука само да изразиме солидарност со граѓаните од југоистокот. Сметаме дека ова прашање не е важно само за тие кои живеат таму, туку и за граѓаните на Скопје. Сите го дишеме истиот воздух, ќе ги јадеме земјоделските производи од истата почва, сериозен проблем е и водата која се загадува. Бараме да се забрани понатамошната изградба на сите „рудници на смртта“ и доколку граѓаните не се послушаат, верувам дека протестот ќе биде се поголем. Нема да се откажеме“, рече Жана Живадиновиќ.

Истовремено со протестот пред Владата, активисти од југоистичниот регион најавија демонстративен марш и едночасовна блокада на патиштата кон Скопје и кон Гевгелија, со барање да се стави мораториум на изградбата на рудниците Казандол, во околината на Валандово, Иловица кај Струмица и Боров Дол во околината на Радовиш и ревизија на целиот процес на доделување концесии.