[Фото] Средношколците од Тетово маршираат против задолжителната математика

Неколку стотини средношколци излегоа на плоштадот во Тетово на марш против новиот концепт на полагање на државната матура и екстерното тестирање. Протестираат средношколците од економското училиште „8 Септември“, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, од земјоделското и медицинското училиште, како и помал број ученици од текстилното и музичкото училиште .

Како што јавува репортерот на Радио МОФ од Тетово, учениците се жалат на притисоци од страна на професори кои, како што велат, им забрануваат да одат на протестот и ги убедуваат дека ова не е начин на решавање на проблемот.

„Ние сме против лошите закони во образованието и против задолжителното полагање математика. Сметаме дека не секој ученик е подготвен да ја совлада математиката и дека таа не е важна за сите струки и факултети на кои планираат да продолжат средношколците“, велат од Средношколскиот пленум- Тетово.

Средношколците велат дека нема да се откажат од своите барања и најавуваат дека протестите ќе продолжат.

Од плоштад во Тетово тие се упатија на марш кон улицата Тодор Циповски – Мерџан, преку Иво Лола Рибар, сè до Работничкиот Универзитет. Маршот треба да заврши пред канцелариите на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и Просветниот инспекторат.