[Фото] Средношколци и бруцоши почнаа со часови на „Филмската училница“ во Кинотека

Под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“ вчера во Кинотеката започна проектот „Филмска училница“ .

Од Кинотека информираат дека на првите часови беа присутни десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна работилница. Тие ќе имаат можност да се запознаат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм…

„Филмска училница“ е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

Меѓу другото, учениците го посетија депото на Кинотека, но слушаа предавања и имаа дискусии за основите на филмот.

„Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија“, велат од Кинотека. 

Целта на проектот е, преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм, како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување.

Во реализација на наставата на  филмската училница ќе се ангажираат професори од високо образовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии (филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнер на звук, аниматори, костимографи, сценографи…).

Проектот е финансиран од Министерство за култура.