[Фото] Составот „New Candys“ го виде МКЦ, а МКЦ го виде „New Candys“  

Фернандо Нути, вокалист и гитарист од прогресивната музичка сензација „New Candys“, вчера за прв пат имаше можност да прошета по ходниците на скопско МКЦ. Да слушне од посетителите за историјатот, случувањата и за сите творци и креативци што оставиле белег во МКЦ. Нути слушна и за скулптурата „Малиот принт“, илустрација на постојаното истражување на планетата наречена МКЦ и континуираното балансирање меѓу световите на возрасните и оние кои никогаш не сакаат да „пораснат“, туку да останат таму – во МКЦ и на платото, дење и ноќе. Гитаристот дозна зошто МКЦ е „религија“ за културните факелноци. Потоа, Нути заедно со својата музичка банда имаше можност да засвири во култната денсинг сала на МКЦ, а домашниот аудиториум доби можност за полноќен концерт што го размрда, како најава за плодната културна година што следи во центарот. 

„New Candys“ се италијанци, ама при свирката покажаа зошто им се придодава „британскиот шмек“. Тие се такви, инди-фаци со пуштени коси, со фузија на психоделија и пост-панк, дарк со „замаглен“ поп, звук кој собира влијанија од легендарните „The Stooges“, „The Jesus And Mary Chain“ и „Primal Scream“, но во исто време, звук кој носи уникатност и инспиративност.

Тоа стоеше во најавата на концертот, а тоа „New Candys“ го манифестираше и на сцена.

МКЦ не беше полно и испотено како што знае да биде, но, како што потврди и самиот Нути во неформален разговор со Радио МОФ, важно е „да бидат вистинските луѓе во вистинското место“. Тоа и се случи.

Пригодна спојка меѓу публика и бенд. Пригодна свеченост за музичките истражувачи и алтернативци, овозможена од „Ротко“ и МКЦ.

Публиката патуваше од тема во тема, од песни од албумот „Stars Reach The Abyss“ од 2012, преку „As Medicine“ од 2015, па се до теми од третиот и последниот албум „Bleeding Magenta“, издаден пред повеќе од две години.

На бината освен Нути свиреа и гитаристот Андреа Волпато, басистот Алесандро Боскиеро и Дарио Лучези на тапани и перкусии. Многумина овие дечки ги карактеризираат како „мрачни современи рокери“, но, иако го имаат тој темен сензибилитет, сепак има нешто емотивно и живо во дечките, нешто што повеќе се чувствува на настап во живо, отколку на „Јутјуб“. Групата комбинира бучни звуци и комбинации од различни мелодии, структура што носи и хипнотична, и динамична атмосфера.

Изминатава 2019 година, „New Candys“ се пуштија во тура од 50-ина свирки низ стариот континент, САД и Канада, по разни фестивали, а имаа и свирки заедно со „The Warlocks“ и „The Dandy Warhols“. Некои од нивните теми се вклучени во епизоди на серијата „Shameless“.

Сега, нивниот настап од 2020 во „25 мај“ ќе биде врежан и во ретроспективните извештаи на МКЦ.

Загревање на момците од Италија, како предгрупа беше психоделичната експериментална банда „Beam Еxperiment“. Се работи за басистот Панде, гитаристот Кристијан и тапанарот Кристијан од скопскиот бенд „The Local Blue“, плус Ставро на гитара и Кети на терамин, што го сочинуваат овој проширен состав „Beam Experiment“.

Сега дополнително имаа и „вокал“ – момак што пушта звуци наместо зборови, се’ во функција на обликување на повеќеслојна звучна слика. Звукот на „The Local Blue“, а сега и на „Beam Experiment“, нема граници. Самите дечки веќе најавија дека нема да има звучни бариери во еволутивниот музички полет, туку ќе пробуваат да се надградуваат и импровизираат низ целиот процес. И секако забавуваат. И себе, и слушателите. Резултатот е: оригинален соничен израз, со вселенски теми-патувалки.

„The Local Blue“ на 18 јануари го издаде вториот албум „2nd Landing“, продукциски и звучно подобрен од дебито „Project Blue Beam“. Ништо чудно годинава пак да влезат во студио, за уште еден албум. Пак да изненадат. Тешко некој да го претпостави крајот на составот.

Веројатно и МКЦ пак набрзо ќе ги види дечките, и тие ќе го видат МКЦ.

 

Бојан Шашевски