[Фото] Со перформанс на уметниците низ битолските улици започна АКТО фестивал

Македонски и странски уметници кои денеска пристигнаа во Битола за отворањето на АКТО фестивал, одржаа перформанс низ битолски улици кој го нарекоа „Битолски гибања“. Со овој марш тие испратија протестна нота до локалната самоуправа, бидејќи одби да го поддржи фестивалот за јубилејното издание , а исто така одби да овозможи Мобилната галерија да се постави на јавен простор во градот.

Фото: АКТО фестивал

Маршот започна од Домот на АРМ по Широк Сокак до улицата „Томаки Димитровски“. За време на перформансот, актерот Иван Јерчиќ користеше цитати од „Јунски движења“, филм на Желимир Жилник, говорот на Стево Жигон пред студентите во Белград во 1968 година и извадок од говорот на Робеспјер од „Дантоновата смрт“ на Бихнер.

Фото: АКТО фестивал

Мобилната галерија сега е поставена во двор на една приватна куќа и таму ќе биде отворена до средината на септември. Музичките настани пак, ќе се одржуваат од камион кој ќе кружи низ градот.

Фото: АКТО фестивал

Фото: АКТО фестивал

Досега општината нема објавено официјален став зошто годинава се одлучиле да не го поддржат АКТО фестивал, иако во одредени медиуми одговорната за култура во општината, изјавила дека организаторите на АКТО „не биле благодарни“.

ТВ Тера објави дека на прашањето зошто фестивалот АКТО не е дел од годинешната програма на Бит фест“, од општината бил испратен писмен допис во кој се вели:

„Програмата на Бит фест е одамна објавена, а реакцијата задоцнета веројатно поради недоразбирањето и распадот на првичната екипа на акто која секогаш била поддржувана од Општина Битола.

Поединци од некогашната група АКТО кои веројатно без дозвола на останатите членови кои си заминаа од групата – си го присвоија фестивалот, излегоа со изјави дека финансиите што Општина Битола ги доделува за нив биле незначителни. Оваа година износот предвиден за културни манифестации е доделен на оние учесници на кои финансиската помош од Општина Битола, навистина многу им значи и уште на почетокот уредно аплицираа со свои предлози за учество на Бит фест“, стои во дописот испратен до редакцијата на ТВ Тера.

Во Мобилната галерија денеска беше отворена изложбата „Врвна златна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006 – 2015 вол.2“, а во текот на денот се предвидени радио возење „Битола е женско“ што ќе се пренесува во живо од студентското радио во Битола, претставата „Причина за болеста“ на Интимен театар Битола, како и голем број музички настани.