[Фото] Сите номинирани за Оскар на едно место – „Медена земја“ со Тамара, Љубомир и Фејми

Американската филмска академија, која ги доделува престижните Оскари објави групна фотографија од сите номинирани за овогодишните филмски награди.

Меѓу стотината холивудски ѕвезди и славни имиња од светската филмска индустрија на фотографијата се наоѓа и дел од екипата на „Медена земја“, македонскиот филм кој е во трка за Оскар во две категории – најдобар странски филм и најдобар документарец.

На фотографијата можат да се забележат режисерите Тамара Котеска, која се наоѓа некаде во средината на фотографијата веднаш до Леонардо Ди Каприо и Роберт Дениро, и Љубомир Стефанов кој заедно со кинематографот Фејми Даут се наоѓаат на самиот десен крај на фотографијата.

Како што може да се забележи од споделените фотографии на социјалните мрежи, преостанатиот дел од тимот на македонскиот филм, кинематографот Самир Љума и продуцентот Атанас Георгиев не се на сликата, но се дел од ручекот на номинираните за Оскар.

Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 10 февруари. „Медена земја“ стана прв докуметарен филм во историјата на оскарите кој ќе се натпреварува во две категории.