[Фото] Шарена револуција се собра пред судот за поддршка на Богоевски: Еден за сите, сите за еден

Едно од наjпретпознатливите лица на Шарената револуција, Павле Богоевски само што влезе во Основниот суд Скопје 1, а пред објектот се собрани граѓани за да му дадат поддршка, откако Основното јавно обвинителство го обвини за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Пред судот можат да се забележат активисти од Шарената револуција, новинари, членови од разни политички партии, спортисти, адвокати, уметници…

Се гледаат и транспаренти „Еден за сите, сите за еден“, „ОЈО – шуто, а сака да боде“, „Сваровски не може да суди скапоцен камен“, „#ПајоНеГоДаваме“, „Зарем Пајо?“, „Ако вие сте суд, јас сум Мерлин Монро“, „Си летате во облаци“…

„Продолжуваат притисоците врз луѓето кои секојдневно протестираа и протестираат против овој режим. Продолжуваат да се судат граѓани кои ја критикуваат власта додека криминалците шетаат слободно, уништуваат докази и траги од веќе сторени и вршат нови кримични дела! Обвинителството на Зврлевски го товари Павле за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Оваа, прва кривична пријава за боењето на симболите на криминалниот режим во Скопје е уште еден обид за обвинителството и судството од тефтерот на Горде да делат селективна правда. Павле ќе може да го судите само кога Груевски ќе седи на обвинителната клупа во соседната судница, пред навистина независен и непристрасен Суд! До тогаш, ако НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!“, соопштија пред собирот од Шарената револуција.