Багер утрово беше во погон да ги отстранува и последните остатоци од некогашниот култен ресторан „Езерце“, лоциран во Градскиот парк во Скопје.
Од Општина Центар за Радио МОФ негираа дека се работи за нивна машинерија.
„Не сме ние тие што го рушат објектот на терен“, изјавија кратко оттаму.
Се обративме и до Град Скопје, прво по телефон, а потоа и по мејл. Оттаму засега не добивме одговари на нашите прашања кој ги руши последните делови од „Езерце“, ниту дали нешто се планира на локацијата.

Првичниот објект постоеше уште од 1949 година, тој долго време беше дел од срцето на некогашно старо Скопје. Тука старите скопјани го паметат забавниот парк, како и железничката станица по која возел популарниот воз „Ќиро“. Објектот бил билетарница од каде се купувале билетите за забавниот парк. Потоа објектот прераснува во ресторан, кој функционираше до пред 15-20 години.
За локацијата, во 2014 година беше распишан конкурс за изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение што требаше да стави крај на запуштениот и руиниран објект, но, сепак, засега ништо во градежна смисла не се случуваше на локацијата.

Меѓувремено, полу-објектот главно го експлоатираа уметници.
Го боеја и цртаа со графити, се правеа уметнички инсталации и перформанси, а последниот остаток од „Езерце“ се користеше и како диџеј пулт за електронски журки.

Бојан Шашевски
Фотографии: Радио МОФ



