[Фото] Рекции на социјалните мрежи: Јастреби заштитени со закон убиени во лов

На социјалните мрежи голем број корисници денес почнаа да споделуваат фотографии на кои се гледаат десет убиени јастреби, кои наликуваат на видот глувчари (Buteo buteo).

Од она што го пишуваат корисниците, фотографиите припаѓаат на едно од лицата сликани со јастребите и се направени во Боговиње, за време на организиран лов.

Според претседателот на со­ко­лар­ско­то друш­тво „Ја­рак“, Огнен Поленак, често се прави забуна помеѓу видовите на јастреби. Па така, при лов на јастребот кокошкар кој се уште стои како штетник, се убива глувчарот, кој е заштитен со закон.

„За жал, игнорантноста во спој со оружје, еве што даваат“, вели тој за Радио МОФ.

Познавајќи ги и работејќи веќе 20 години со птици грабливки, тој тврди дека ловците на фотографиите не можеле да видат јастреб кокошкар, а не па да убијат десет. Во однос на глувчарите, вели дека станува збор за мирни птици кои не се плашат од луѓе. За нив кажува дека се корисни поради нивниот начин на исхрана.

„Во текот на една сезона на парење, отхранувајќи го своето гнездо, една двојка јаде околу 10 000 глувци, други глодари и кртови, правејќи ги природен родентицид, а ние вака им велиме благодарам. Ова е масакр и срамота“, вели Поленак.

Тој објаснува дека при патување низ Македонија, најчесто може да се најдат по автопат, или регионален пат како стојат на знаци или на ограда во исчекување на лесен плен. Колите често удираат во врапци, или газат глувци, што им го олеснува ловот на овој вид јастреби. Но, токму поради ова, смета Поленак, најчесто се убиваат во толкав број на автопатот помеѓу Тетово и Гостивар.