[Фото] Пуштена во употреба тартан патека во скопскиот Градски парк

Со кружна форма и должина од 534 метри, во вториот дел од Градскиот парк околу малото езеро е пуштена во потреба тартан патека.

Според Град Скопје, патеката за рекреација е наменета за сите граѓани, а не само за професионалните спортисти.

„Aко има интерес и увидиме дека граѓаните ја користат, Градот Скопје планира ваква кружна патека да направи и околу големото езеро во Градскиот парк. Оваа патека е сместена на многу атрактивна локација, во еден од најживописните делови од паркот. Внимававме граѓаните патеката да можат да ја користат и во текот на ноќните часови, односно, таа е целосно осветлена“, рече денес градоначалникот Петре Шилегов.

Од Град Скопје соопштуваат дека сенките од околните дрвја ја штитат патеката од директните сончеви зраци, што ја прави атрактивна и за во летниот период кога многу граѓани го користат паркот за прошетки, одмор и рекреација.

„Околу тартан патеката е поставена и соодветна урбана опрема и придружни содржини – инфо табли, чешми, клупи и корпи за џебен отпад“, велат од Град Скопје.