[Фото] Првомајски протест: Полтрони и измамници не смеат да го водат синдикалното движење во Македонија

Додека низ населбите во Скопје денеска можеше да се почувствува мирисот на свежо приготвената скара и веселата музика, во самиот центар, работник со знакот на себе „Не сакаме скара, сакаме права“, се приклучуваше кон толпата граѓани кои дошле да го поддржат маршот по повод Денот на трудот, 1 мај, чиј организатор е Повелбата за солидарност.

Тој, како и многу други работници, ги повторија барањата кои со години се исти – право за поголема плата и достоинство на работното место.

„Синдикатите треба да соработуваат со Владата, но не и да ѝ седат во скут“, беше изреката која најмногу доби овации од присутните, а ја кажа Сања Арсовска, Синдикатот на културата на РМ. Таа беше само една од граѓаните, револтирани од „глувите институции и молчеливите синдикати“.

„Ако сакате да покажете дека живите уметници и културни работници се поважни од накитени, кич и преплатени згради, тогаш првата работа што треба да ја направите кога ќе седнете на вашето министерско столче, е да побарате повлекување на Законот за култура, донесен на срамен начин, без дебата и по брза постапка во Собранието во 2014 година“, порача Арсовска на идниот прв човек на Министерството за култура.

„Ние уметниците и културните работници, не сме административна војска. Нашата творечка дејност не можете да ја девалвирате нарекувајќи нè даватели на јавни услуги“, нагласи таа.

Но, покрај уметниците и културните работници, девалвирани се чувствуваат и академците, новинарите, како и вработените во најразлични индустрии.

„Џабе ни е силна држава, економски и национално, ако имаме неписмени и несреќни луѓе“, порача професорката Мира Беќар, од Независниот академски синдикат.

Според неа, во оваа држава континуирано владее хаос и погазување на вредностите. Една од тие вредности е и образованието.

„Кога ќе ни речат децата, ‘а бе што ќе ни е диплома’, ние треба да имаме одговор на тоа, а не да ги праќаме да си бараат чаре во други држави“, рече таа.

Според неа, академците не може да си дозволат да пливаат во секојдневните промени без да знаат што е повлечено, а што стопирано во законот за образование.

„И ние работиме во ненормални услови, тече вода од кровови, нема греење… Вашите деца се изложени на тие работи“, забележа Беќар.

Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија подвлече – „Преваранти и полтрони не смеат да го водат синдикалното движење во државата“.

„Било кој да биде избран за премиер, треба да се запраша и треба да се замисли како ќе излезат на крај со сите нас. Единствена наша корист од ова наше здружување во Повелбата ќе имаат само работниците во Македонија, дури и самата држава. Јас ви гарантирам, доколку во Македонија постоеше синдикат во минатото, којшто знаеше како да ги брани работничките права, државата немаше да биде сведена до овој степен, до овој економски пропаст“, рече тој во своето обраќање.

Протестот започна од Плоштадот на Карпошовото востание, па покрај кеј заврши пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, или како што беше наречена „тврдина на злото“.

„Оваа зграда зад нас, некогаш беше храм на работниците, сега е храм на рекетарите“, рече Пецо Грујоски од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.

„Оваа зграда е празна, овде има само духови, овде е Живко Митровски со неколку негови соучесници, ткн. Синдикални лидери. Време е да ја напушти оваа зграда и функција“, додаде тој.

Според него, синдикатите во континуитет се етикетираат, но она што е важно, вели тој, е дека ќе продолжат да се борат за работниците.

„За нив постоиме и од нив живееме, и затоа до крај ќе ја водиме оваа борба“, подвлече тој.

Сепак, претставниците на синдикатите сметаат дека постои надеж за синдикализмот во Македонија. За нив, овој први мај ќе биде почеток на едно ново, модерно синдикално организирање.

Самостојниот синдикат на новинари и овој први мај излезе да даде поддршка за своите колеги новинари и медиумски работници кои работат во лоши услови.

„Нема да дозволиме темата за синдикализмот и враќање на автентичните синдикати да се заборави“, рече Тамара Чаусидис.

Таа потсети дека плоштадот, од каде што започна маршот, е симболичен за новинарите, бидејќи потсетува на времето кога тие протестираа за новинарот Кежаровски, а при тоа се судрија со огромен број специјалци, кои како што рече, не им дозволија мирно да протестираат.

„Она што го направивме тогаш, ќе го правиме секогаш. Да се бориме за нашите членови, да се бориме за пристојни плати и за пристојни услови за работа. Без слобода и новинари, нема демократија во оваа земја“, рече Чаусиди.

Годинешниот слоган на маршот беше „Само сложни, ќе бидеме можни“ и според организаторите служеше за да ја испрати пораката дека синдикатот е најмоќната алатка на работниците.

Емилија Петреска