Грааните од движењето „Протестирам“ и денеска во 6 часот излегоа пред Владата за да побараат оставка од сегашната владејачка гарнитура, формирање преодна влада што ќе ги демократизира институциите, како и ослободување на притворените по протестите од 5 мај.
Тие им се придружија на граѓаните и активистите кои останаа да кампуваат пред Владата, по големиот граѓански протест кој се одржа вчера на истото место.
Како што јавува репортерката на Радио МОФ, силно полициско обезбедување е поставено уште на почетокот на булеварот „Св. Климент Охридски“.
Во кампот се и опозицискиот лидер Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Стево Пендаровски, кој е говорник на трибината „Зошто дојдовме и зошто остануваме пред Влада?”, најавена за вечерва.
Во кампот денеска се организираше женски базар, а за вечерва се најавени музички настапи.
Од „Протестирам“ повторија дека продолжуваат со протестите „секој ден во 6 часот“, се до исполнување на нивните барања.