[Фото] Германски активисти шест години ја бранат шумата Хамбах од индустријата за јаглен

Шумата Хамбах која се наоѓа во покраината Северна Рајна-Вестфалија со години претставува место на кое огромен број активисти се собираат и кампуваат со цел да ја одбранат од плановите за сеча на власта.

Енергетскиот концерн РВЕ има намера до крајот на есента да исече големи делови од шумата, во потрага по јаглен. Пред почетокот на експлоатацијата, шумата имала 4100 хектари, но од нив досега се исечени 3900 хектари. Активистите изминативе месеци со сите начини се обидуваат да ги спасат преостанатите дрвја од шумата. Тие бараат да престане уништувањето на природата. Нивната порака е дека не сакаат „валкана“ енергија.

Се уште не е јасно дали јагленот што ќе се ископа ќе може да се искористи за производство на енергија. Од РВЕ велат дека тие ги имаат сите дозволи за да ја спроведат сечата, но активистите потсетуваат на целите од Парискиот мировен договор и напорите кои државата треба да ги направи за целосно отфрлање на јагленот како извор на енергија.

Германија, заедно со уште 195 држави, го ратификуваше Париски договор. Тој предвидува државите-потписнички да ги преземат сите потребни мерки за глобалното затоплување да се ограничи на помалку од два степена, по можност на 1,5 степен Целзиусов.

За Германија да ги оствари поставените цели, сојузната влада основаше Комисија за кафеав јаглен, составена од 31 претставник од областа на науката и индустријата, засегнати граѓани, синдикатите и организации за заштита на природата.

Пет членови од оваа комисија жестоко се противат на планираното расчистување на шумата во подрачјето Хамбах, сметајќи ја за своевидна провокација.

Екологистите и граѓаните од Хамбашкиот крај се надеваат дека нивните апели до политичарите на сојузно и локално рамниште ќе вродат со плод и дека ќе се престане со расчистувањето на шумата. Тие ја повикаа и канцеларката Ангела Меркел, надевајќи се дека заштитата на шумата Хамбах е и во нејзин интерес, како и дека со покраинскиот премиер Армин Лашет ќе го одвратат РВЕ од плановите.

Сепак, полицијата на 13 септември насилно започна акција за расчистување на протестниот камп и ги разбрка активистите. Од акцијата се појавија повеќе видеа на кои се гледа како полицијата насилно ги брка активистите од шумата.

Од полицијата, пак, во текот на изминатите недели известуваше дека од страна на маскирани лица била гаѓана со камења и со чатали. Сепак, најголемиот дел од жителите на шумата се мирни.

Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, застана во обрана на акцијата на полицијата за расчистување на протестниот камп.

„Таму има луѓе кои граделе на туѓ имот на црно, не почитувале градежни прописи, и одозгора уште и се спротивставуваат, се однесуваат криминално, напаѓаат полицајци, значи прават кривични дела, а ние не треба да интервенираме?“.

Тој потенцираше дека нема овластување да носи одлука за експлоатацијата на јаглен, туку за спроведување на законите на правната држава. Инаку, како причина за интервенирањето на полицијата не е наведена планираната експлоатација на јаглен, туку непочитување на прописите за заштита од пожар во куќите на дрвја.