[Фото] Протестен собир во Хаг за поддршка на Шарената револуција

Група македонски граѓани што живеат во Холандија, вчера до Амбасадата на Македонија во Хаг испратија писмо со кое изразија целосна поддршка на Шарената револуција и на сите барања на граѓанското движење #Протестирам. Тие упатија писмо до Амбасадата на Република Македонија во Кралството Холандија, како што велат, огорчени од самоволието на режимот, но и охрабрени од масовната мобилизација на илјадници граѓани кои ја започнаа ткн. Шарена Револуција.

Нивните барање се:

– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

Претходно, протестни собири се одржа и во Амстердам, Њујорк, Виена и Франкфурт.