[Фото] Протест за правата на текстилните работници во Штип

Граѓани во Штип денеска излегоа на протест за поддршка на текстилните работници. Тие на собирот побараа подобри услови за работа, запирање на мобингот, забрана за работа во недела и празниците и покачување на платите за достоинствен живот на работниците.

Повод за протестот се барањата на текстилните газди, меѓу кои: продолжување на работното време, укинување на празници за да нема дисконтинуитет во производството и замрзнување на придонесите.

„За нови џипови“, „За работа на секој празник“ или „За повеќе непријавени работници“ беа само дел од саркастичните пораки со кои граѓаните на протестот изразија револт за ваквите барања на текстилните газди, кои ги нарекуваат „апсурдни“.

„Денеска е денот! Не чекајте друг да се избори за вашите права, да каже стоп на лошите услови, ниски плати, постојани прекршувања и мобинг! Денес е денот да излезете и заедно им кажеме ДОСТА БЕШЕ“, стои во објавата на фејсбук страната на Гласен текстилец, непосредно пред почеток на протестот.

Фотографиите се преземени од Фејсбук профилот на „Гласен Текстилец“