[Фото] Протест во Велес – „Секое наше дете е Тамара – оставка од Тодоров“

Околу стотина граѓани денеска повторно се собраа на протест во Велес, насловен „Црвен картон за Тодоров“, на кој побараа министерот за здравство, Никола Тодоров, да си поднесе оставка откако институциите целосно потфрлија во случајот на малата Тамара.

[Фото] Протест во Велес - „Секое наше дете е Тамара - оставка од Тодоров“

Фото: Дејан Ристов

Тие повторно упатија црвени картони до министерот и апелираа никогаш да не се повтори случајот во кој поради постојаното одложување на потребната операција од страна на надлежните инситуции, почина малата Тамара.

Новинарот и водител Огнен Јанески на мирниот протест побара да се покрене иницијатива, со која во Законот ќе се именува посебен член, кој ќе биде именуван како „Членот на Тамара”.

„Со тој член, законски треба да се заштитат сите итни случаи како Тамара и да се одреди конкретна одговорност кон прекршувачите на Хипократовата заклетва, односно што ќе доведат човечки живот во опасност. Сепак, ова е само иницијатива, која ќе се разгледува од правен аспект, и би поттикнал ангажираност од правниците, за да не се заборави Тамара, и за никогаш да не ни се повтори. Зашто, сите ние сме Тамара“, изјави Јанески.

[Фото] Протест во Велес - „Секое наше дете е Тамара - оставка од Тодоров“

Фото: Дејан Ристов 

Според граѓаните, за смртта на малата Тамара одговорност треба да се бара и кај министерот за здравство Никола Тодоров, поради, како што се истакна во говорите, неговото излегување од надлежностите и овластувањата, бидејќи на 21-ви ноември јавно кажа, како владин авторитет дека ќе бидат подмирени сите трошоци за случајот на Тамара.

„Граѓаните го сметаат Тодоров, како најавторитетна фигура во македонското здравство, за најодговорен за смртта на Тамара, зашто по неговото ветување, граѓаните прекинаа со донациите на телефонските броеви. Со тоа, тој им го одзеде правото на хуманост, и ги изигра граѓаните, оставајќи ја Тамара да лута низ лавиринтите на здравствениот систем, кој е претворен во бирократски и папиролошки ќорсокак. Граѓаните побараа, да се врати местото на пациентот пред се’ и над се’. Итните случаи да бидат итни и да се решаваат во корист нивна, без да се чека на административноста, како безизлезност“, рече Јанески.