[Фото] Протест поради незадоволство од работата на извршителите

Мораториум или замрзнување на извршни одлуки за физички лица, отпис на стари долгови, како и комплетно нов закон за извршување се дел од барањата на организацијата „Стоп за извршители“, кои вчера организираа протест поради незадоволството од работата на извршителите, заедно со повеќе организации.

Иницијаторите на протестот бараат и ревизија на целиот процес на наплата на извршување на адвокати, судии, нотари, извршители и доверители, враќање на извршителите во суд, корегирање на трошковникот, извршувањето да биде 1/5, а не 1/3 од плата и пензија и отпис на камати на јавни претпријатија и државни фирми.

Марјан Ристески од „Стоп за извршители“ вели дека тоа што го прават извршителите, нотарите и банките веќе е неиздржливо, и дека народот е доведен на просјачки стап.

„Нема ние да дозволиме натаму да се врши грабеж врз народот, ги поминавме сите институции, свесни сте дека бевме и кај Премиерот и кај Претседателот. Чекаме уште кратко период да дадат конкретен извештај, што со нашите барања, нашите барања се јасни, отпис на застарени долгови, не може сметка за вода, струја, парно да нема застарување, додека разни криминалци, со тешки кривични дела тежок грабеж направија врз народот, застаруваат такви дела… такви дела не смеат да застарат“, вели Ристески.

Тој потенцираше дека каматите не може вртоглаво да растат, а напомена дека постојат примери каде за еден денар, и два и пол денари се земаат огромни суми на пари.

„Ова го нема никаде, ова е хаос. Нема повеќе да дозволиме понатаму народот вака не трпи“, вели Ристески.

На протестот се обрати и земјоделецот Ристе Бањоглав, за кој македонските медиуми известуваа последниве денови, а на кого му се заканувало иселување од куќата каде што живее.

„Народот мора да стане, ако не стане народот, ќе се исели и ќе останат само извршителите. На секој од семејствата од извршителите имаат по 2-3 џипа кои се возат, знаете ли колку текстилни работници се со извршување, знаете ли колку земјоделци се во агонија, знаете ли колку луѓе кои работат во полиција, администрација се во агонија од овие извршители?“, запраша Бањоглав.

Додава дека извршителите ја користат државата и политичарите, а им порача дека не можат да го имаат народот, и дека народот ќе излезе на улица.

„Јас како млад човек со две деца, ако треба ќе си заминам од оваа држава, ако треба ќе си отидам во западните делови, меѓутоа со еден услов, кога ќе им ставам стоп на извршителите, затоа што многу луѓе страдаат во оваа држава“, потенцира Бањоглав.

Организаторите за понатаму најавија и помасовни протести со цел исполнување на нивните барања.

М.К.