Во услови на голема невработеност, ниски плати и незадоволителна градска инфрастуктура, на Скопје не му требаат нови долгови и идеолошки Дизниленд, порачаа граѓаните кои и покрај дождот попладнево излегоа на протест поради изградбата на панорамското тркало и нагрдувањето на Скопје. На Скопје му треба модерна инфрастуктура и прогресивни идеи за развој на економијата и соживот, побараа демонстрантите.
„Панорамското тркало е последната капка во чашата“, истакна Сања Михајловиќ, од групата што го организираше денешниот протест на кејот на Вардар, односно на местото каде веќе се подготвува теренот за новото панорамско тркало.
„Ова мора да се сопре, Скопје не е Дизниленд. Јас им порачувам на градските власти, на сите политичари кои се вмешани во проектот Скопје 2014 , да почнат да разговараат со народот, да слушнат што народот навистина мисли, посебно скопјаните, за овие карикатури што не опкружуваат. И веднаш да запрат со градбите, да се започне дијалог како ние да излеземе од оваа ситуација во која не ставија и за што ни се потсмеваат , не само домашните, туку и странските медиуми“, додаде таа.
Дел од присутните носеа маски со ликови на Дизни, во знак на револт од промената на ликот на главниот град. Присутните симболично истурија лажни пари, со ликот на министерот за финансии Зоран Ставревски, на кои пишуваше „Немаме за леб, а трошиме за чоколадо“.