[Фото] Пробувалната во „Никола Карев“ доби музички иструменти за школските бендови

Гимназијата „Никола Карев“ од денеска е збогатена музички инструменти во пробувалната за школските бендови, која ќе биде наменета за наставни и воннаставни активности, како и достапна за младите кои не се ученици во училиштето.

Јасна Шоптрајанова од Центарот за креативно живеење Парк вели дека не е прв пат медиумите да влегуваат во пробувалната позната како училница по Проектна настава по музика, но и центар на многу воннаставни активности.

„Тука се подготвуваат свирложбите, фестивалите ‘Три дена култура’, гостувањата на учениците од оваа гимназија, последниве години тие свиреа во ‘Дом омладине’ во Белград, на фестивал во Романија, а и дел од  скопската ‘Бела ноќ’ беше целовечерен  фестивал токму во оваа гимназија“, објаснува Шоптрајанова.

Додава дека родителите го забележале феноменот на деца кои од друго училиште се префрлаат во гимназијата, поради како што рече, токму заради овој дух и содржини на училиштето.

„Меѓу другото, свесни за времето во кое живееме, ни беше многу важно сите овие можности да се достапни и за деца чии родители немале можност да им купат инструменти. Тие ќе овозможат оваа пробувална, а во иднина и други заеднички простори, да станат и официјално отворени за овие генерации музичари во зародиш“, објаснува Шоптрајанова.

Емилија Ристановска од „Арт хаус Карев“ посочи дека голем број ученици од гимназијата моментано се уметници или студенти по уметност.

„Некои од нив се сега тука, односно и постојано се тука, на културните настани заедно со сегашните ученици. Таа созреа идејата поранешните ученици да основаат алумни-здружение Арт хаус Карев, за и официјално да продолжат да живеат со училиштето каде нивниот интерес за уметност добил фокус, каде станале уметници-аматери кои понатаму уметностите ги одбрале и за свој животен пат, но и за оние кои имат друга професија, но се’ уште се активни на сцената“, објаснува Ристановска.

Надоврзувајќи се, вели дека ученици од гимназијата свират во бендовите „Визија“, „Pluto’s Doubts“, „Астероид“, „Culture Development“, „Black and Vice Social Club“ и други.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху вели дека Градот е многу заинтересиран да ги поддржи проектите кои ја промовираат урбаната и младинска култура.

„Кај овој проект многу ни се допадна што користи веќе постоен јавен простор, дел од средно училиште на Град Скопје, и ја надградува неговата намена и го отвора за користење за сите млади. Веќе неколку години гледаме како оваа гимназија се’ повеќе прераснува и во културен центар, па и не случајно беше дел од Бела Ноќ во 2018, а познати се и други соработки со институциите од култура за кои е надлежен Градот“, вели Салиху.

На прес-конференцијата се обратија и басистот на бендот „Мизар“, Илија Стојановски, Кристина Арнаудова од здружението „Проект среќа“, Анита Пешева, почесен конзула на Канада, и Мирјана Глигорова родител на дете од „Арт хаус Карев“.

Музичките инструменти се купени во рамки на проект кој е финансиран од Програмата за финансирање програми и проекти на млади на Град Скопје за 2019 година, реализиран од Центарот за креативно живеење Парк и „Арт хаус Карев“.