Во централниот градски простор во Скопје, на малиот сквер кај „Ким“, денес беа поставени три големи огледала, кои ја канат публиката да застане, да се огледа и да размисли за сопствените зборови, навики и ставови.
Се работи за јавната уметничка интервенција „Огледало“, која има за цел да ја поттикне личната и општествената свест за говорот на омраза.
„Првото огледало ги истакнува последиците од говорот на омраза, потсетувајќи дека дури и најмалите навреди можат да повредат и да создадат култура на непријателство. Второто се фокусира на честите основи врз кои се шири омразата – национална, верска, етничка, политичка и сексуална, поттикнувајќи го минувачот да препознае колку лесно секојдневната комуникација може да ја репродуцира таа негативност. Третото огледало ги прикажува најтипичните конструкции на омразен говор, со јасна порака дека повторувањето или нормализирањето на вакви изрази го храни насилството и ја поткопува општествената кохезија“, посочуваат активистите-иницијатори на акцијата.

Според нив, со ваквата поставеност, минувачите буквално „се судруваат“ со сопственото одразено лице и со можноста да размислат дали некогаш употребиле израз што повредува, понижува или стигматизира други.
„Инсталацијата создава тивка, но длабока интеракција – момент на искреност помеѓу човекот и самиот себе“, соопштуваат активистите.
Тие нагласуваат, целта на акцијата „Огледало“ не е да осуди, туку да охрабри: да ги поттикне граѓаните да развијат емпатија, да ја препознаат тежината на говорот што го користат и да станат активни учесници во создавање похумано, побезбедно и поповрзано општество.

Акцијата е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамки на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“ – Скопје.



