[Фото] Поставена реплика на исчезнатиот споменик на жртвите на фашизмот кај Камениот мост

По повод 70 години од ослободувањето на Скопје, денеска, граѓански активисти на плоштадот „Карпошово востание“, во близина на Камениот мост поставија реплика на споменикот на паднатите скопјани во 1944. година. Овој споменик на жртвите на фашизмот исчезна кога почнаа да се градат објеките од проектот „Скопје 2014“.

[Фото] Поставена реплика на исчезнатиот споменик на жртвите на фашизмот кај Камениот мост

фото: А1ОН

Активистите ја поставија репликата на споменикот изработена од картон, во иста големина како и оригиналниот споменик, на истата локација, а на него пишува: „Каде е оригиналниот споменик?“.

Обезбедувањето на објектите од „Скопје 2014“ ги прашуваше активистите што е им е намерата и негодуваше на поставувањето, во обид да го спречи. Но, тој сепак беше поставен.

„Со поставувањето на репликата на споменикот како симболички чин, прашуваме: Дали некој сака од меморијата на скопјани да го избрише поменот за нашите стрелани сограѓани? Или тоа само го потврдува неодговорниот однос на надлежните власти кон антифашистичкото културно наследство? Каде е оригиналот и кој дозволил еден дел од колективната меморија, паметник за почит и извонредно уметничко дело да биде изгубено? Со оваа акција сакаме да ги повикаме на одговорност сите надлежни кои треба да се грижат за културното наследство и споменичните обележја, прашувајќи се зошто, под кои услови и со чија согласност овој важен споменик трајно исчезна од јавниот простор, бришејќи ја историската и политичката меморија на еден град“, вели активистот Никола Наумовски.

Оригиналниот споменик, чија судбина е непозната

Оригиналниот споменик, чија судбина е непозната

Споменикот беше изработен во висок релјеф, а во својата оригинална верзија постоеше до 2010 година, пред да исчезне во периодот меѓу 2010 и 2012 година. Тој стоеше во подножјето на Камениот мост и е отстранет при изведувањето на градежните работи за спомениците на Филип Втори и другите на плоштадот „Карпошово востание“. Во 2010 година Општина Центар го урна стариот постамент, на кој требаше да се постават оригиналните мермерни плочи со имињата на загинатите. По две години и овој нов бетонски постамент е урнисан.

Акцијата на поставувањето на споменикот беше дел од прошетката низ историските локации од 13 ноември 1944 година, меѓу кои споменикот на стреланите скопјани, партизанската спомен-оружарница, споменикот на ослободителите на Скопје (Женска гимназија) и Учителската школа.

Прошетката беше збогатена со сеќавањата на живите ослободители од 12-тата Ударна бригада.

Извор: А1ОН