[Фото] Поддршка од стечајците за Средношколски пленум

Со кренати пароли и знамиња , скандирајќи „Заедно сме посилни“, стотина стечајци го посетија средношколскиот камп пред МОН за да му дадат поддршка на Средношколскиот пленум.

„И ние сме родители и јас сум мајка. Никој не може да ни каже да не излеземе и да ги поддржеме. Затоа и сме овде. За да ги поддржиме“, вели една од стечајките која пристигна во кампот.

Тие се потпишаа на петицијата за поддршка и им порачаа на средношколците дека треба да бидат истрајни во своите барања.

„Кои сме ние да ве оценуваме? Тоа што излегле на улица да се бунат значи дека нешто не е во ред. Дека нешто мора да се смени. Затоа и дојдовме, да дадеме поддршка“, додаде нејзината колешка .

Пред пристигнувањето на стечајците во кампот, полицијата го обезбеди просторот околу Министерството за образование и наука.

Претходно неколку стотина стечајци маршираа низ центарот Скопје со барање конечно да бидат обесштетени. Протестираа пред Министерството за труд и социјална политика и пред Владата од која бараат нови мерки кои ќе ги опфатат сите работници и кои ќе обезбедат основна егзистенција за стечајците кои не се опфатени со досегашните мерки.