[Фото] Перформанс пред Влада: Бараме чесна и скромна власт, заслужуваме подобро

Група граѓански активисти денеска пред Владата на Република Македонија со големи букви во раце направија натпис „Заслужуваме подобро!“.
Како што велат, целта на овој перформанс е да испратат порака до челниците на власта и до сите кои ќе се кандидираат на априлските избори, дека граѓаните не заслужуваат власт која се задолжува, која краде и лаже. Активистите на „Заслужуваме подобро!” им дадоа поддршка и на поранешните вработени во ОХИС кои исто така протестираа пред Владата, за да им се исплатат 24-те заостанати плати.

„Граѓаните можат и смеат да се занимаваат со тоа како власта владее. Граѓаните имаат право да ги контролираат политичарите и да ја знаат нивната имотна состојба. Власта е и треба да биде менлива, а лошата власт треба што пократко да трае. Демократијата не е само право на глас на избори, еден ден во четири години. Ние имаме право постојано да ја приспитуваме и менуваме власта.Бараме да бидеме прашани како ќе се трошат нашите пари. Заслужуваме јавните пари да се користат за вистинските потреби на граѓаните. Повеќе не сакаме и нема да дозволиме нашите пари да одат на споменици, бронзени огради, мерцедеси и патувања.

Не заслужуваме власт која ги задолжува нашите деца и внуци. Не заслужуваме власт која неодговорно троши на чоколада, кога немаме ни за леб. Од 2006 досега, власта нè задолжила повеќе од 4 милијарди долари. Кој ќе ги враќа овие пари?

Затоа, бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата. Една третина од домаќинствата располагаат со парични средства под 13.000 илјади месечно, а 10% преживуваат со под 5.300 денари месечно (2014). Истовремено, од снимките во јавноста дознавме дека премиерот тајно си нарачал, од државни пари,Мерцедес кој вреди 600.000 евра.

 Не е нормално политичарите да бидат корумпирани. Корупцијата е спротивна на моралот и етиката. Таа се казнува со закон и мора да биде основа за напуштање на политиката.

Не прифаќаме корупција како начин на владеење. Бараме одговорност од власта за сè што е украдено од граѓаните, а украдените пари да им ги вратат назад на граѓаните. Во Македонија предолго ги толерираме корумпираните политичари. Бараме корупцијата да не биде исплатлива дејност. Бараме политичарите да не се чувствуваат сигурно и да одговараат доколку крадат, лажат и се корумпирани.

Бараме институциите да функционираат и да се борат против корупцијата. Бараме квалитетот на услугите на институциите да не зависат од подмитување и партиски притисоци. Заслужуваме институции во кои секој граѓанин ќе може да ја „истера“ својата правдина без разлика на неговите уверувања и припадност“, посочија активистите на „Заслужуваме подобро“.