[Фото] „Партали“ учебници за старт на новата школска година

Учебници на кои им недостасуваат корици и страници, и понатаму се проблем за учениците. Бесплатните материјали кои се пренесуваат од генерација на генерација со тек на време се распаѓаат и избледнуваат.

На Твитер, родител сподели фотографија од тоа како изгледаат учебниците кои ги добиле по предметите Македонски јазик и Историја.

„Супер е тоа што се пренесува од генерација на генерација, но мислам дека мора да се заменуваат ваквите кои се партали. Фалат страни, лом се“, стои во објавата.

На ова реагираа уште неколку родители кои споделија слично искуство.

„Синот лани во шесто одделение во Ново Лисиче доби шест учебници помалку, до крај на година не му обезбедија, копиравме и купувавме. Класната и службите крајно незаинтересиран и арогантни“, гласи друг коментар.

Меѓу оние кои се препознаа во истиот проблем е и родител чие дете посетува настава во Општина Центар. И тие добиле лоши учебници за шесто одделение.

„Прво ни бараа да пријавиме дали има уништени учебници или дали недостасуваат. После две недели кога прашавме ни кажаа дека немало нови учебници. И минатата година беше исто, многу дечиња до крај останаа без учебници. Очигледно системот не функционира“, вели тој за Радио МОФ.

За него е интересно што во време на пандемија им ги даваат учебниците кои како што вели, никој не ги проверил, за потоа од родителите да се бара да ги проверуваат без информација што треба да добијат.

Учебната година треба да започне од 1 октомври откако беше одложена поради пандемијата на Ковид-19. Наставата во повеќето училишта ќе се одвива онлајн преку Националната платформа за далечинско учење, а во 169 основни и четири средни училишта наставата ќе се одвива со физичко присуство.