[Фото] Отворена „пионерската“ велосипедска патека на Водно

Љубителите на планинарскиот велосипедизам од денеска може да возат по новата нагорна пионерска велосипедска патека на Водно, која е дел од  проектот „Велосипедски парк Водно“. Патеката денеска беше отворена со вело натпревар во организација на „Прв до врв“, на кој учествуваа повеќе од 400 велосипедисти.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека патеката симболично е наречена „Пионерска патека“ бидејќи е права од ваков вид во главниот град.

„Направена е согласно сите стандарди, со помош на експерти од Словенија, а наменета е исклучиво за велосипеди и исклучиво за движење во еден правец – нагоре. При изведбата на оваа патека посветено е големо внимание на заштита на природното опкружување, со минимално влијание врз околните дрвја и вегетација. Среќен сум што на крајот на третата година од мојот  прв градоначалнички мандат нашето сакано Водно успеавме да го вратиме на луѓето кои го користат за уживање во природата, планинарење, спорт и рекреација“, рече Шилегов.

Тој истакна дека по завршувањето на светската пандемија, заради која мобилноста на туристите во светот е сериозно лимитирана,  Велосипедскиот парк водно ќе прерасне во туристичка атракција и на тој начин ќе ја збогати туристичката мапа на Скопје.

Новата нагорна планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри),  со вкупна должина од 3.432 метри и  се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми  безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари. Патеката е исклучиво за движење во еден правец-нагоре.

Од Град Скопје информираат и дека Пионерската патека е сертифицирана и ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно.

Фото: Град Скопје