Во дворот на Институтот за биологија во Скопје од денес е отворен реновираниот стакленик на ботаничката градина – дело на професорите и студентите.
Стакленикот ќе биде засолниште за разни видови на растенија, дел уникатни, а дел стари и до 350 години.
Ботаничката градина постои уште од 1951 година во склоп на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, но поради недостиг од кадар и финансии стои запустена.
Од Институтот се заблагодарија на сите што помогнале во реализација на овој мал дел од ботаничката градина. Според нив, ова е резултат на слободното време и викендите кои ги поминале за нејзиното реновирање.
Академикот Владо Матевски смета дека работата не треба да застане овде, туку ботаничката градина да прерасне во јавно добро, кое ќе се употребува за унапредување на заштитата на растителниот диверзитет, енергетската ефикасност и едукацијата.