Општина Центар отвори „Парк за миленици“ кој се наоѓа спроти објектот на НИП „Нова Македонија“, во Паркот на новинарите во Скопје.
Сопствениците со нивните миленичиња отсега ќе можат слободно да се шетаат во паркот чија површина, велат од Центар, на барањето на граѓаните до градоначалникот Андреј Жерновски, е двојно зголемена од првобитниот план и сега изнесува 900 м2.
„Просторот е затворен од три страни со ограда висока 2 метри, а четвртата страна допира до оградата на последната парцела. Во средишниот дел е изработена површина која е исполнета со ризла. Во паркот е поставена урбана опрема и тоа три клупи и шест канти за собирање на изметот од милениците. Истотака, поставени се и дополнителни канделабри. На влезот на паркот се наоѓа информативна табла со правила за користење на паркот“, соопштуваат од Центар.
Инаку, ова трет ваков простор за миленици во Скопје, откако беa отворени во Градскиот парк и во паркот покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.