[Фото] Охрид СОС: Морат(ориум) – Охрид не ги следи препораките на УНЕСКО  

Иницијативата Охрид СОС преку социјалните мрежи објави фотографии заедно со соопштение под името „Морат(ориум)“, тврдејќи дека овој пример покажува дека Општина Охрид воопшто не ги следи препораките на УНЕСКО.

„Иако уште во 2017 година јасно беше назначено дека е потребен мораториум за градба во крајбрежните и урбаните делови, сепак, на почетокот на 2018 година е издадено одобрение за градба на оваа локација непосредно до брегот на Охридското Езеро. Наместо запирање на урбанизацијата додека не се донесе План за управување со охридскиот регион, додека не се усогласат и урбанистичките планови, таа продолжува“, велат од иницијативата.

Според Охрид СОС, не постои волја во локалната самоуправа за поправање на лошите практики, почитување на препораките на реактивната мисија и Комитетот за светско наследство.

„Се продолжува по старо, селективно во јавноста се толкува препораката за мораториум. Неодамна гореше трската и во близина на овој објект. Дали некој подготвува терен за чисти плажи, непречен видик“, стои во реакцијата на Охрид СОС.

Активистите потсетуваат дека извештајот кој до УНЕСКО го достави Владата на Република Северна Македонија заедно со општините, министерствата за култура и животна средина и неколку други институции, ќе биде разгледан на следната годишна конференција на Комитетот за светско наследство во Баку, на крајот на следниот месец.

„Останува отворена опцијата охридскиот регион да биде ставен на листата светско наследство ВО ОПАСНОСТ“, забележуваат активистите од Охрид СОС.

Фото: Охрид СОС