[Фото] Одржан првиот „плогинг“– на кејот на Вардар се трчаше и се собираше ѓубре

Повеќе граѓани денес на кејот на Вардар џогираа, но со себе носеа и ќеси во кои собираа пластични шишиња и други отпадоци кои беа расфрлани на кејот.

Тие се приклучија во првиот „плогинг“ – светски познатата акција за џогирање и собирање ѓубре, што ја организираа вработените од хотелот „Мериот“ и Амбасадата на Шведска.

Од Камениот мост учесниците во настанот трчаа во должина од 2,1 километри по патеката на кејот и освен што се рекреираа, направија и нешто корисно за животната средина.

„Плогинг“ како иницијатива за прв пат се појави во Шведска во 2016 година (зборот доаѓа од шведски plocka upp) и претставува варијација на трчање и виткање на телото со наведнување и истегнување при собирање отпадоци, со што има двојна функција – обезбедува физичка активност и истовремено придонесува за намалување на загадувањето на природата.

Од Шведска оваа иницијатива последниве години масовно се шири насекаде во светот поради зголемената загриженост за загадувањето на природата со пластични отпадоци. Денес веќе насекаде можат да се сретнат луѓе кои џогираат и со себе носат ќеси и собираат ѓубре, а во многу земји се формирани и групи за „плогинг“ кои заедно џогираат и собираат пластични шишиња и други отпадоци.

Организаторите на настанот очекуваат дека оваа иницијатива ќе стане традиционална.