[Фото] Објекти осветлени во сино за поддршка на лицата со аутизам

Во пресрет на 2 април, Светскиот ден за свесноста за аутизам, беа осветлени во сина боја објектите на Владата и Археолошкиот музеј, но и општините Аеродром, Битола, Тетово и Гостивар.

Осветлувањето беше организирано од Здружението „Во мојот свет“, со поддршка на Амбасадата на Република Бугарија, разни пријатели и институциите што ги отстапија објектите за осветлување.

Весна Стојановска од „Во мојот свет“ за Радио МОФ вели дека од 2011 година започнале да го одбележуваат Денот, а од 2012 година во сино осветлуваат објекти како Кабинетот на претседателот, Министерство за надворешни работи, Археолошки музеј…

„Осветлувањето е дел од глобалната кампања ‘Light it up blue’ (Да осветлиме во сино). Во сино светнуваат сите метрополи, како поддршка за лицата со аутизам и подигнување на свеста за аутизмот. Досега во сино беа обоени значајни објекти – Статуата на слободата, зградата на сиднејската опера, Ајфеловата кула, Белата куќа итн“, нагласува Стојановска.