[Фото] Нова испитна сесија, нова гужва на студентски прашања на Правен

И оваа испитна сесија студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се соочуваат со истиот проблем-чекање до неколку часа во редици од десетици метри за да ги пријават испитите кои треба да ги полагаат во претстојната августовско-септемвриска сесија.

Иако термините беа објавени од самиот факултет и беше однапред јасно дека повеќе од стотина студенти ќе се појават денеска пред шалтерот за студентски прашања, сепак таму се наоѓаше само еден вработен од администрацијата.  Тој самиот беше задолжен за услужување на сите студенти кои денеска чекаа да ги пријават своите испити.

Ваквот проблем не ниту нов ниту непознат за администрацијата на факултетот. Слична ситуација настана и во терминот за претходната испитна сесија.

На ова реагираше и Студентската организација при Правен факултет  која на својот Фејсбук профил денес ја објави сликата од редицата студенти кои чекаа пред просторијата за студентски прашања.

„Факултетите имаат потреба од нови вработувања за да можат соодветно да одговорат на потребите на студентите. Физички не е возможно еден службеник да процесира 1000 барања на студенти.“, стои во објавата на организацијата.