[Фото] „Никој не се нафаќа да го исчисти ѓубрето“ – студенти во еко-акција на кампусот на УКИМ

Група од триесетина студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, револтирани од нечистотијата на кампусот, денеска се фатија за метла и се впуштија во чистење.

Според студентот Стефан Димитровски, тие секојдневно ја забележуваат нечистотијата во дворот, па тоа ги натерало да ја започнат еко-акцијата. Крајна цел е, вели тој, да ја подигнат свеста и кај останатите студенти.

„Ваквите акции се важни бидејќи евидентно е дека има премногу ѓубре и доколку не преземеме ништо, тоа константо ќе се таложи, а никој не се нафаќа да го исчисти тоа ѓубре“, вели Димитровски за Радио МОФ.

Студентот Умејр Муамеди, пак, смета дека свеста кај студентите треба да биде на високо ниво, иако како што забележа тој, во реалноста не е така. Истакна дека оваа акција е само почеток.

„Планираме најмалку еднаш месечно да организираме вакви акции и ги повикуваме сите на 21 март на настанот кој ќе биде организиран од страна на Универзитетското собрание. Ги повикуваме сите студенти да се вклучат во акцијата која ќе биде спроведена на сите кампуси каде што има потреба да се чисти“, повика Муамеди.

Во денешната акција на студентите им помогна неформалната организација „Не биди ѓубре“, чии членови се вклучија во расчистувањето и ги обезбедија со алати.

„Градот Скопје, па и цела Македонија се гуши во ѓубре. Затоа денес дојдов овде да им дадам поддршка на студентите, да ја потикнеме таа свест дека треба да си го чуваат ова катче овде каде што се едуцираат“, изјави Јасмина Симоновиќ од „Не биди ѓубре“..

Таа прокоментира дека во моментот состојбата во дворот на Универзитетот и не е толку лоша, но бидејќи неодамна дошле гости од странство, па поради тоа дворот бил исчистен.

Александра Субашиќ