[Фото] Мурал „Бакнеж“ во Гевгелија како мотив за неформалното образование

На фасадата на приватна зграда на корзото во центарот на Гевгелија е изработен муралот „Бакнеж“.

Под авторство на уметникот Миле Ничевски, во соработка со Милош Стојановиќ од „Партизанска штампа“, композицијата со две деца упатува на неопходноста т.е важноста на неформалното образование.

„Во поширок контекст муралот мотивира ‘бакнежи’ и важноста на образованието и културата посебно кај најмладите, но и важноста на т.н. ‘жива’ уметност надвор од галериските простори, направена за да облагородува, критикува и потсетува на улогата на уметноста во општеството. Истовремено целта ни е да потсетиме и покажеме дека може и со поскромни средства да се направат јавни дела во урбана средина, со висока уметничка вредност“, велат авторите.

 

Иако не е прв можеби од ваков карактер во Гевгелија, или баш затоа што не е прв ваков проект, бидејќи во 50те години е изработен мурал, во техника зграфито, од двајца ликовни уметници, Петров и Гаспаров, во центарот на градот, сепак, велат дека е реткост помеѓу рекламите за „казина“, „продавници за пари“ и „аптеки“.

„А се надеваме и пионер кој ќе ја предводи понатамошната еволуција на уметноста и културата во Гевгелија“, потенцираат авторите.

Инаку, муралот е изработен во организација на „Арт Еквилибриум“, со поддршка на манифестицијата „Нов Културен бран“ на Министерството за култура.

Организацијата „Арт Еквлибриум“ како организатор на „БОШ Фестивал“, веќе 11 години се обидува да постави механизми на континуирана работа и соработка пред се со локалните институции, колективи и поединци.

„Во сите свои растежи и падови, засега обезбедува симболичен простор во кој може да се создава, реобмислува, критикува, но и продуцира“, велат од организацијата.

„Партизанска штампа“, пак, е независен колектив од Скопје кој активно работи во областа на графиката (сито печатот) веќе 2 години. Работи во свое независно самоодржливо студио во Скопје со соработки од околу 30 автори од земјата и регионот.