[Фото] Млади пијанисти од штипскиот „Сергеј Михајлов“ наградени на музички натпревар во Белгија

Две втори и едно трето место во различни категории освоија млади пијанисти од музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип на интернационалниот музички натпревар во Брисел, Белгија, организиран од меѓународната организација „Мелос“.

„Натпреварот поради пандемијата се одржа онлајн со помош на снимки. Ова е доказ дека ни распустот, ни пандемијата не ги спречи вредните ученици да ги освојат меѓународните награди“, вели за Радио МОФ менторката на учениците, м-р Марија Максимова.

Таа посочува дека на натпреварот имало пријавено музичари од цел свет, САД, Русија, Кина, Франција, Украина и други земји.

Меѓу сите нив, средношколецот од 2 година, Михаел Тимотеј Пастоњицки освоил второ место, исто како и второоделенката Душица Митрева. Средношколецот од 2 година, Марко Наскоски, пак, освои трето место.

Марија Максимова со младата Душица Митрева

Максиова вели дека многу научни студии докажале дека свирењето на инструмент го подобрува физичкото и ментално здравје, го ослободува стресот, ја стимулира работата на мозокот како ниедна друга активност, ја подобрува концентрацијата, меморијата, ги зајакнува вербалните и моторички способности, а воедно ги учи децата на трпение, упорност, тимска работа и др.

„Целта на музичките натпревари не е да се добие награда, туку нивната основна дејност е промовирање, запознавање и дружење на млади уметници од повеќе земји кои меѓусебно ќе се слушаат, ќе разговараат и ќе ја поттикнуваат нивната изведувачка активност“, потенцира Максимова.

Михаел Тимотеј Пастоњицки

Исто така, дополнуваа таа, ваквите натпревари помагаат за согледување на степенот на развој на музичкото образование, рано откривање на извонредно надарени ученици, овозможување наградените ученици професионално да се ориентираат кон музичката уметност, размена на педагошко искуство и др.

„Учениците тоа го знаат и кога ги водам на натпревар , тие не одат со намера да се земе награда, туку одат да се претстават на сцена најдобро што можат и да направат сите да уживаат во нивното музицирање“, вели менторката.

Марко Наскоски

За жал, вели таа, оваа година само две нејзини ученички – Габиана Стоименов и Душица Митрева биле на натпревари во Шпанија и Србија, а потоа почна пандемијата.

„Поради ситуацијава, годинава повеќето натпревари се одржаа онлајн. Јас успеав да спремам ученици за 4 мегународни натпревари (во САД, два во Србија и последниов во Брисел) и скоро сите деца беа наградени во својата категорија“, потенцира Максимова.

Б.Ш.