[Фото] Млади излегоа на протест барајќи поголема акција за справување со климатските промени

Младите сакаат поздрава иднина, која нема да биде загрозена од климатските промени. Тие се свесни за овој глобален проблем, а  последиците, вела тие, полека почнуваат да ги чувствуваат и на своја кожа. Токму затоа, денеска во Скопје се одржа протест со кој од Владата побараа нејзина поголема акција во справување со климатските промени.

Со ова, младите од државата се приклучија на светското движење #FridaysForFuture кое започна од шведската тинејџерка Грета Тунберг. Денеска протести се одржуваат во стотици други држави со една главна порака – „Нема планета Б“.

„Сакаме да се чувствуваме моќни. Иако сме млади, знаеме дека нешто може да се направи, а ова е одличен начин да се докаже тоа. Во светот сум свесна дека многу се прави. Луѓето се многу поосвестени, ние се надеваме дека Македонија наскоро ќе постигне барем 50 отсто од тоа што се прави во светот. Овие протести се добар начин. Но, ова ќе биде помасовно во иднина само ако сме поупорни“, вели средношколката Бојана од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.

Но, иако се предводени од младите, од протестите за климатски промени се засегнати сите, вели средношколката Елена која се приклучи со својот транспарент од Тетово.

„Грета е само едно мало будење за глобалното затоплување. Иднината останува на младите. Се додека повозрасните не се грижат за нашата иднина, тогаш тоа останува на нас“, рече таа.

Сепак, на протестот изостануваше поддршка од нивните наставници. Според Владимир Куновски, граѓанин кој исто така се приклучи на движењето, наставниците се тие кои треба да ги освестат млладите за проблемот со климатските промени.

„Кај нас прво треба старите да имаат свест и да ја пренесат на малдите, кои не знаат што се случува. Нашата мисија е да ја разбудиме свеста. Наставниците треба да предничат во оваа иницијатива. Но, не само со протести туку и преку наставата“, истакна тој.

За протестот младите дознале преку социјалните мрежи и хаштагот #FridaysForFuture („Петоци за промена“) преку кој младите од целиот свет се поврзуваат и ги споделуваат своите акции.

„Многу е кул тоа што излегуваме да протестираме за идните генерации. Но, последиците веќе ги чувствуваме и ние. Веќе не се бориме за други луѓе што се фиктивни, што ќе дојдат после нас, туку се бориме за нас, сега“, смета Никола, студент на ФЕИТ.

Тој им порачува на своите врсници да ја поддржат иницијативата и да излезат заедно со нив и следниот петок.

„Многу е локално, го чувствуваме импактот, и на нас останува да искажеме дека не сакаме да е така“, додаде Никола.

 

View this post on Instagram

 

#fridaysforfuture Порака од младите за младите

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Сличен став имаше и Марија, студентка на Економскиот факултет во Скопје, која пак, смета дека климатските промени не се нешто опипливо за да ги ангажира луѓето да реагираат пожестоко.

„Не е нешто што можеме да го видиме со наши очи и бидејќи немаме чусвтво на ургентност, бидејќи се се случува толку споро, со години, нема да сфатиме дека тоа е голем проблем се додека тоа не не’ засегне лично“, заклучи таа.

„Немаме друга планета“ – масовни протести низ светот

Во меѓувреме, масовни протести на средношколци и студенти се одржуваат низ целиот свет. „Ние немаме планета Б“, „Ни ја уништувате иднината“, Ако вие не се однесувате како возрасни, ќе мора ние“ – се дел од паролите со кои илјадници ученици излегоа на улиците.

Протести се одржаа во Јапонија, Австралија, Индија, Белгија, Франција, Германија, Италија…

Емилија Петреска