[Фото] Млади испратија пораки за иднина без климатски промени

Во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, млади во кабина за фотографии со табли испратија пораки за иднина без климатски промени до идниот претседател и до сите носители на одлуки.

Под мотото #ДаЗборувамеЗаКлима, младите се фоткаа со пораки: „Сакам чист воздух“, „Струја од сонце“, „Повеќе дрвја во градот“, „Зелени работни места“, „Стоп за јаглен“, „Сакам здрави екосистеми“…

Настанот е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ спроведуван од „Еко-свест“, ЦНВП и ДЕМ, а поддржан од Европската Унија.

Еко-активистите посочуваат дека во последните неколку години нашата земја е погодена од екстремни временски услови – поплави, суши и поројни дождови со зачестени електрични празнења.

„Јавниот простор во нашите градови е речиси непостоечки, а квалитетот на живот во градот значително намален. Нашата земја губи 3.000 човечки животи годишно поради загадениот воздух“, забележуваат активистите.

Потенцираат дека промената во сезоните и климатските услови влијае на биодиверзитетот во земјата кој е под дополнителен притисок од инфраструктурни проекти.

„Нашата храна е под закана од уништениот биодиверзитет и пренамена на првокласното земјоделско земјиште и најплодната почва во земјата за индустриски зони“, посочуваат организациите.

Според еко-активистите, од изборот кој секој од нас го прави секој ден- начинот на транспорт, храна во амбалажа или без пластика, заштеда на струја и вода, садење зеленило на приватните балкони или дворни површини, зависи каква иднина ќе имаме.

„Носителите на одлуки во нашата земја мора забрзано да започнат да ги насочуваат политиките во насока на создавање на услови за одржлив живот во земјата, за циркуларна економија, за обновливи извори на енергија, за праведна транзиција, за живот без загадување. А ние треба постојано ова да го бараме од нив!“, потенцираа организациите.