[Фото] Марш за солидарност и бодликава жица пред седиштето на ЕУ на Денот на мигрантите

Со мирен марш од Владата до ЕУ Инфо центарот и бодликава жица симболично поставена пред седиштето на ЕУ, група на триесетина граѓани и активисти, по повод Меѓународниот ден на мигранти повикаа на меѓународна солидарност и почовечки и безбедни услови за бегалците кои транзитираат низ Македонија и Европа.

„Со моменталната криза која ја доживува Европа, криза на идентитет и криза на вредностите како недостатокот на мир, толеранција, достоинство, социјална правда и демократија, исправена е пред предизвикот да се соочи и да згрижи безброј гладни луѓе кои се упатуваат кон Европа од различни причини бегаат од своите уништени домови. Затоа решивме денес да се обратиме со две пораки: до Владата на РМ, бидејќи Македонија е земја низ која бегалците минуваат, и до Делегацијата на Европската комисија во Скопје, со цел да ја подигнеме свеста и улогата на Европската унија во одлуките кои ги носи, а кои го загрозуваат животот на луѓето кои мигрираат кон Европа“, изјави Јасмина Голубовска од Хелсиншкиот комитет.

Активистите повикаа на спроведување на неколку препораки кои ги доставија до властите, како и спроведување на солидарност во Македонија и намалување на културата на страв кон бегалците.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, до делегацијата на Европската комисија во Скопје достави писмо со препораки, во кое е укажано на сите трагедии кои им се случуваа на бегалците во изминатава година.

„Бодликавите жици и огради нема да ги спречат терористичките напади. Безбедносните апсекти никако не смеат да го зголемат стравот, но и не смеат да ја намалат безбедноста на луѓето кои бегајќи за да ги спасат своите животи се борат да стигнат до Европа“, изјави Пировска.

Никола Штериов од левичарското здружение „Солидарност“ ги повика владите и граѓаните на Европската унија и на други земји, меѓу кои и Македонија, чии политики за миграција се одраз на политиките на Европската унија, да ја преиспитаат логиката зад политиките кои луѓето ги делат на економски мигранти и бегалци.

„Таа категоризација ги игнорира различните форми на насилство што виреат под услови на сé поголема експлоатација на трудот и милитаризација во рамките на еден глобален економски и политички систем“, вели Штериов.

Тој додаде и дека донесувањето на вонредна состојба и затворањето на границите и дополнителните напади не се решение, туку се само маскирање на последиците.

Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“ смета дека после краткиот период на мир и безбедност за бегалците во месец јуни, кревањето на ограда на нашите граници не враќа неколку чекори наназад.

„Со новата политика на затворени граници, импонирана од некои земји членки на ЕУ, повторно се враќаме назад. Мигрантите се делат на економски мигранти и бегалци и не им се дава право на прибежиште, не им се дава да поминат достоинствено до својата дестинација. Се делат на расна или национална основа, а такво нешто не е прифатливо. Европа, која тежнее кон отворени граници, сега се претвора во нешто друго. Тие граници се затвораат, за жал и во нашата земја. Тоа е ограда кон ЕУ, но што е најлошо, тоа е и ограда кон луѓето кои имаат потреба за прибежиште, потреба да бидат некаде сместени и заштитени “,изјави Јасмин Реџепи од Легис.

Пред Владата и Еу Инфо центарот демонстрантите оставија макети на територијата на Македонија и ЕУ, обиколени со бодликава жица, која е симбол на затворените граници на нашата земја и Унијата. Обезбедувањето на Владата одби да го прифати „подарокот“, стравувајќи да не содржи небезбедни материи.

С.Т.