[Фото] Марш на солидарноста, граѓаните скандираат „Правда за бегалците“

Стотина активисти и граѓани се собраа пред Владата од каде тргнаа на протестен марш до Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба, во знак на солидарност со мигрантите кои транзитираат низ државатa. Со маршот, како што појаснуваат од неформалното движење “Протестирам“, бараат државата да гарантира привремена заштита за мигрантите и еднакви услови за живот за сите.

„Правда за бегалците“, „Заедно сме посилни“ се само дел од паролите кои се скандираат за време на маршот, јавува од теренот репортерката на Радио МОФ. Тие се собраа на пристапот кон Владата, од страна на бул. Климент Охридски каде сите заинтересирани се потпишуваа на списокот на волонтери кои сакаат да помогнат во секојдневните хуманитарни акции за помош на мигрантите кои најчесто пеш по пругите или автопатите, или на велосипеди, се движат од Гевгелија кон Куманово, со намера преку Србија да стигнат во некоја од развиените европски држави.

(1)

 

Како што стои во најавата за маршот, откако ќе минат „Еден километар во чевлите на мигрантите“, пред Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба, присутните ќе ги прочитаат правата на мигранитите и ќе укажат на мизерните услови во центарот.

„Да изодеме од местото каде што се исцртуваат политики што дискриминираат до местото каде што ги гледаме последиците од неправдата кон мигрантите што бегаат за подобар живот. Судбината на мигрантите во прифатниот центар е симбол и за нечовечките услови и ризиците со кои се соочуваат и нашите граѓани, затворени и присилени да мизеруваат, да се раселуваат или самите да сонуваат за мигрирање надвор од државата во потрага по безбедност и пристоен живот“, се додава во најавата за маршот.